„Колку навистина сегашните генерации се со кренати глави и се горди? Колку навистина се чува аманетот на нашите државотворци сега кога повторно имаме обиди за негирање на македонскиот идентитет?“ – прашува весникот на главниот град на Република Македонија „Скопско ехо“ во својот коментар под наслов „11 Октомври – голем празник: Пред 80 години нашите предци гордо дигнале глава, а сега…“ објавен по повод денешниот празник 11 Октомври.
„Празникот на народното востание, 11 Октомври, се одбележува денеска ширум Македонија во спомен на 80 – годишнината од почетокот на народноослободителната борба против фашистичкиот окупатор. Македонија се сеќава и оддава почит и признание на предците кои не се плашеле пред силно вооружените окупатори и тргнале во борба за слобода и формирање на македонска држава. На овој ден во 1941 година припадниците на Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп кој беше окупиран од бугарските фашистички сили. Следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.“
„Така и започнува големата антифашистичката борба, која успешно се води и ги изродува одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава. Во текот на четиригодишната народно-ослободителната борба своите животи ги загубија околу 25.000 борци и жители на Македонија.“
„Одбележувањето на 11 Октомври почна вчера Прилеп на плоштадот ‘Методија Андонов Ченто’, каде што обраќање имаше премиерот Зоран Заев. – ‘Поради храбрите борци на НОБ, сега стоиме тука горди, со кренати глави чувајќи го аманетот на нашите државотворци’, рече Заев.“
„Но, колку навистина сегашните генерации се со кренати глави и се горди? Колку навистина се чува аманетот на нашите државотворци сега кога повторно имаме обиди за негирање на македонскиот идентитет? Ова се прашањата кои е добро да се одговорат и на овој празничен ден. Особено треба да ги одговорат властите, но и останатите политичари во Македонија.“ – пишува „Скопско ехо“ во својот празничен коментар.





