„По повод утрешното чествување Гоце Делчев, големиот борец за правата на македонскиот народ и за национална самобитност и слобода, кој од државниот врв ќе се поклони пред него? Делчев бил со многу достоинство и непокор во себе. Какви лидери сега го наследуваат?“ – овие прашања ги покренува весникот „Скопско ехо“ во својот редакциски коментар со наслов „Како Пендаровски и Ковачевски ќе го одбележат денот за Гоце Делчев?“
„Скопско ехо“ пишува: „Македонија утре ќе му оддава должна почит на Гоце Делчев, еден од најголемите македонски револуционери по повод годишнина од неговото загинување во 1903 година. Тој ја задолжи многу Македонија и утре заслужува длабок наклон од сите во државата. Централното чествување ќе се одржи во дворот на црквата ‘Свети Спас’, каде што се наоѓа мермерниот саркофаг, во кој се положени посмртните останки на овој голем борец за правата на македонскиот народ и за национална самобитност и слобода. Кој од државниот врв ќе се поклони пред Делчев?“
„Дали пред мермерниот саркофаг ќе се појават и шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски? На нивните официјални интернет-страници се уште нема најави за нивно присуство. На последното чествување во февруари годинава, кога се прославуваше 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, се појави шефот на државата Стево Пендаровски, кој положи цвеќе. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски не учествуваше во чествувањето поради посета на Брисел. Наместо него се појави првиот вицепремиер Артан Груби. Ќе биде ли овојпат Ковачевски во Македонија?“
„Пендаровски и Ковачевски не учествуваа во подготовката на големиот научен симпозиум ‘150 години од раѓањето на Гоце Делчев’, кој денеска ќе биде отворен во Музејот на македонската борба во организација на Институтот за национална историја од Скопје. Од државните раководители само претседателот на Собранието Талат Џафери ќе организира прием за учесниците пред свеченото отварање. “
Наспроти ова, бугарскиот претседател Румен Радев ќе биде покровител на Националната конференција ‘Европска перспектива за добрососедски односи меѓу Република Бугарија и Република с.Македонија’, што ќе се одржи на 4 мај во Националната палата на културата во Софија. Трибината, организирана од Институтот за историски истражувања при Бугарската академија на науките и Македонскиот научен институт во спомен на Гоце Делчев, ќе се одржи на денот од 119-годишнината од смртта на македонскиот револуционерен деец. Во најавата за оваа конференција Радев напиша дека Делчев е ‘апостол на слободата на македонските Бугари’. Меѓу поканетите учесници се и поранешните македонски премиери Љупчо Георгиевски и Владо Бучковски.
„Поранешните премиери можеби ќе тргнуваат кон Софија, а каде ли ќе биде сегашниот? Македонскиот великан Гоце Делчев бил со многу достоинство и непокор во себе. Какви лидери сега го наследуваат?“ – нагласува „Скопско ехо“ во својот коментар.





