„Скопско ехо“: „Дарби за упикување и послушништво, или за наука, се ценат повеќе во државните кабинети?“

„Талентираните луѓе му даваат надеж за подобра иднина на секое општество. Тие влечат напред. Создаваат вредности, со кои една држава расте и се развива. Поради тоа, секоја организирана држава се труди да ги открие и потоа стимулира во развојот своите талентирани лица. Дали Македонија го прави тоа? А какви таленти најчесто имаат можност да влезат во кабинетите на Пендаровски, премиерот Ковачевски, кај министрите…? Кои таленти добиваат пристап до државните фондови и друга помош, за да си ги доразвијат дарбите? “ – прашува весникот „Скопско ехо“ во својата редакциска статија со наслов „Какви таленти влегуваат најчесто во во кабинетите на Пендаровски и Ковачевски?“



„Скопско ехо“ пишува: „Ако се погледне постапката на претседателот Стево Пендаровски, кој деновиве го прими во својот кабинет Македон Димитриевски, натпросечен ученик во второ одделение, ќе се заклучи дека и Македонија мисли на своите талентирани деца.“

„Ако се прочита и што вели Пендаровски за талентираните и општеството – уште посигурни ќе сме дека Македонија мисли најмногу токму на талентираните. Тој рече: „Овие ученици се од посебен интерес за нашето општество и заслужуваат најголема посветеност од страна на државата. Надарените ученици имаат сложени образовни потреби. Тоа претставува посебен предизвик за образовниот систем и ја наметнува потребата од индивидуализирани програми, приспособени кон надарените ученици.“

„Арно ама, какви таленти најчесто имаат можност да влезат во кабинетите на Пендаровски, премиерот Ковачевски, кај министрите…? Кои таленти добиваат пристап до државните фондови и друга помош за да си ги доразвијат дарбите?“

„Партиските таленти што дарба имаат? Надареноста за наука, или надареноста за послушништво и упикување се цени?“

„Дури и скапо тренираните магариња може да ги дадат одговорите. Ама никој не бара одговор. Затоа Македонија ги губи вистинските таленти.“