„Скопско ехо“: „Бардовчани и денес со протести против Прифатен центар за странци“

„Жителите на скопското село Бардовци денеска повторно ќе излезат на протест против изградбата на Прифатен центар за странци во близина на нивното населено место. Тие бараат релокација на центарот и запирање на изградбата. Според нив, со изградбата на центарот ќе им бидат нарушени мирот и сигурноста.“ – донесува денешно „Скопско Ехо“.



Весникот пишува: „Протестот ќе започне во 16.40 кај паркингот на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, по што учесниците со колона на возила ќе се упатат кон Владата. Предвидено е во 16.55 колоната да застане пред Канцеларијата на ЕУ каде што ќе се задржи 20 минути. Од 17.15 до 19.00 часот, протестот ќе се одвива пред Владата. Бардовчани продолжуваат со протестите, бидејќи, како што велат, досега никој не ги слуша нивните барања ниту, пак, сака да ги забележи нивните протести против изградбата на Прифатен центар за странци во непосредна близина на нивните домови.“

Скопско ехо“ се осврнува на реакциите на револтираните жители на ова село: „ – Помина еден месец откако почнавме со протести, преку кои го изразуваме своето негодување затоа што воопшто не бевме прашани и консултирани за изградбата на ваков објект. Силувана е волјата на граѓаните, спречени сме да учествуваме во носењето одлуки од наш интерес, велат бардовчани. Тие поседуваат и документ подготвен од македонското Министерство за транспорт и врски, во кој се вели дека Центарот ќе има долгорочни негативни влијанија врз животите и имотите на луѓето кои живеат, пред се, во населбите Бардовци и Волково, а потоа и на околните населби како Ново Село, Даме Груев, Злокуќани и Визбегово.“

Овој весник на метрополата прецизира во својата статија кои се причините за револтот на бардовчани: „Револтирани се од односот на институциите кои ја започнаа изградбата без да информираат што ќе се гради на 70.000 квадратни метри во нивна близина, како и што е манипулирано за неговата намена. Со петицијата што ја имаат против изградба на објектот гласно го поставуваат прашањето дали Владата треба да остане глува на несогласувањето и апелот на цела една населба незадоволни граѓани.“

Натаму, „Скопско ехо“ наведува: „Надлежните во Општината појаснуваат дека ваков центар се гради, затоа што постоечкиот објект во Гази Баба, којшто со години се користи за иста намена, не ги исполнува елементарните услови за прифаќање на странци и е лоциран во населено место. Изведбата и надзорот на објектот ја врши Делегацијата на Европската Комисија, а финансиран е во рамките на ИПА фондовите на Европската Унија. Притоа, додаваат дека објектот, кој се гради, ќе има висок степен на безбедност, ќе располага со електронска опрема за следење на лицата кои се прифатени и ќе има видео надзор, заштитни прозорци и врати.“

Весникот повторно се осврнува на реакциите и прашањата на бардовчани: „Но, жителите имаат други аргументи и други прашања: Дали досегашниот градоначалник е упатен дека дел од населението од населбата исто така нема елементарни услови за живот? Нема улици, канализација, слаб водовод? Ако проблем било што досегашниот објект бил во населено место, како не е проблем што новиот објект е на само 75 метри од првата куќа во Бардовци? Дали Бардовци не е населено место, прашуваат жителите. И тврдат дека  Општината покажува оти  нема визија, бидејќи тој објект ќе заземе и одлична позиција во Бардовци.“

„Ставот нивен е дециден – со протестите ќе продолжат и понатаму.“ – заклучува „Скопско ехо“ во својата статија во врска со протестите на жителите на скопско Бардовци против планираната изградба на прифатен центар за странци во нивната средина.

Извор: https://skopskoeho.mk/bardovchani-prodolzhuvaat-i-denes-popladne-so-protestite-protiv-prifaten-tsentar-za-strantsi/