Скопје вечерва е најзагаден европски град

Енормно загадување на воздухот се бележи и вечерва во Скопје, а индексот AQI изнесува 165, со што македонскиот главен град е најзагадената европска метропола, покажуваат податоците на светскиот сервис IQAir.



Според веб-страницата која го следи аерозагадувањето, Скопје е седми најзагаден град во светот, а пред него се само градови од Индија, Бангладеш, Монголија и Кина.

Според апликацијата „Мој воздух“, пак, вредностите на индексот AQI во делови од градот се и двојно повисоки и се движат околу 300, што е ниво на загадување опасно по здравјето на сите луѓе.

Индексот AQI ги зема предвид концентрациите на ПМ2,5 и ПМ10 честички, како и насоката и јачината на ветерот.

Состојбата не е подобра и во повеќе македонски градови. Најзагадени се Битола, Струмица, Тетово и Куманово, според МојВоздух.

Слично екстремни нивоа на загадување беа забележани и во изминатите денови, што ги натера локалните власти денеска да воведат низа мерки и препораки, меѓу кои е бесплатниот јавен превоз (кој важи од вечерва), почесто миење на улиците, контрола на загадувачите и препорака за откажување или одложување на настаните на отворено.