„Скопје Север“ повторно го вклучи црвениот финансиски аларм. „ЕСМ“ нема да му даде пари на претпријатието поради долгови од минатата грејна сезона. Директорот Куштрим Рамадани одново ги повика надлежните да изнајдат начин да помогнат бидејќи гас има само за следните 3 дена. Вели дека до крајот на март на располагање имаат 1 милион евра за набавка на енергенси но со сегашните цени на берза претпоставките се дека трошоците би се зголемиле најмалку двојно.
– „Цените на горивото беа многу високи а согласно одлуката на Регулаторна ние фактуриравме и фактурираме со пониски цени. Ние плаќаме 120 а продаваме за 60 денари така што на ваков начин системот е неодржлив. Излегоа во пресрет господата од Промгас и плативме за неколку дена, колку што имавме. Ги убедивме два пати веќе но трет пат нема да има.“- Куштрим Рамадани, директор на Скопје – Север АД.
Дел од корисниците кои се снабдуваат со парно од топланите Исток и Запад се уште немаат топли радијатори. Како нов снабдувач ЕСМ сега ги повикува да се обратат на еден од трите пункта во Центар, Карпош и Аеродром и да склучат нови договори. Ќе работат од понеделник до петок од 8 до 18 часот и сабота од 9 до 13.30 часот.





