Приватните превозници утрово блокираа по една коловозна лента на булеварот „Илинден“ на потрегот од семафорите кај Владата до семафорите кај МИ-ДА во двата правци.
Неизвесно е дали блокадите ќе продолжат за време на викендот, но повеќе од извесно е дека ќе продолжат од понеделник ако нема решение на проблемот – односно не биде постигнат договор со Град Скопје да им биде исполатен долгот од 1,5 милиони евра.
„Пред Градското собрание утре ќе бидат паркирани околу 200 автобуси, за да види градоначалничката Данела Арсовска дека не е таква бројката како што таа кажува. Некој сака да ја дефокусира јавноста и да кажува дека нема проблеми, дека го покриваат градскиот проблем, но сите гледате што се случува“, рече вчера Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.
Ова, според Јовановски, е најава од приватните превозници дека можеби уште повеќе ќе се засилат и радикализираат протестите.
Додаде, дека ако нема решение, во понеделник овие 200 автобуси ќе се прегрупираат и ќе го блокираат сообраќајот од 6 часот наутро, ќе има целосна блокада на раскрсницата кај „Мавровка“, на раскрсницата кај „Црвен крст“ и на улицата Илинденска“.
На ова вчера реагираше Град Скопје кој го раскина договорот со компаниите „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и ги повика превозниците поединечно да склучат договор со Градот доколку сакаат и понатау со нивните автобуси да бидат вклучени во градскиот превоз.







