Денеска Скопје одбележува 77 години од ослободувањето од бугарскиот фашистички окупатор.
На 13 ноември 1944-та година, борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистите.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
Победата над непријателот во далечната 1944 година била дочекана со солзи радосници и цвеќе за ослободителите.
Околу 500 партизани од кои стотина жени, учествувале во битките за ослободување на градот.






