Имплементацијата на Договорот за пријателство и добрососедство, кој ги обезбедува основните човекови права, мора да стане дел од Преговарачката рамка, вели поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во интервју за БГНЕС.



„Добро е да се видат резултатите, а потоа да се биде оптимист. Вклучувањето на гаранциите што Бугарија ги сака во преговарачката рамка е многу важен резултат.

Фокусот на Скопје не беше да ги започне преговорите за ЕУ, туку да не ги вклучи барањата на Бугарија во Преговарачката рамка“, вели Захариева.

Захариева вели дека и упатила прашање на новата министерка за надворешни, Теодора Генчовска за преговарачката рамка, бидејќи повеќе од месец и половина за тоа ништо не е спомнато ниту од страна на  МНР, ниту од бугарската влада.

„Со РСМ имаме нерешени билатерални прашања и според гледиштето на Скопје, овие прашања се билатерални и немаат место во Преговарачката рамка. Правото на самоопределување е европска вредност, тоа е човеково право.

Имплементацијата на Договорот, кој ги содржи основните човекови права, исто така мора да стане дел од рамката за преговори. Мојот апел до министерката Генчовска е: не заборавајте на преговарачката рамка!“, порачува поранешната шефица на бугарската дипломатија.