Скопје никако да се тргне од листата на најзагадени градови во светот. Скопјани и денеска се разбудија во густа магла и смрдеа. Граѓаните се трујат со отровен воздух, а градските власти велат дека се ширел популизам. Според платформата „АЈ-кју-ер“, Скопје и утрово се најде во топ 10 најзагадени градови во светот, а во регионот пред нашиот главен град единствено е само Сараево, пренесе Алфа. Граѓаните реагираат и бараат поголема сериозност од градските власти, за кои велат, дека ништо не работат.

Екологистите по кој знае кој пат алармираат дека Град Скопје мора да направи сериозни чекори, и еднаш за секогаш да стави крај на овој долгогодишен проблем за сите. Зелен хуман град обвинува дека индустријата загадува со помош на институциите, иако речиси никој не се придржува целосно кон прописите за заштита на животната средина, со што се предизвикува енормно загадување.

Освен Скопје, на 15-то место се наоѓа и Приштина, а потоа следуваат Белград и Загреб, на 32-то односно 33-то место од табелата. Од Градот реагираа дека се што се пласира во јавноста ги пишуваат „партиски војници“ и велат дека текстовите за загадувањето биле нарачка од „политички кујни“. Со цел да покаже дека Скопје не е меѓу најзагадените градови во светот, Данела Арсовска се повика на интернет страницата „Даблју Еј-кју-ај“, но за жал и таму стои дека воздухот во Скопје е 3 до 4 пати позагаден од дозволеното.





