Со надградените објекти на трговскиот центар „Рамстор“ и објектот на „Кам“ ќе се зголеми зеленилото во градот оти ќе имаат зелени кровни тераси, тврди градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски за новиот план за Стара железничка станица, со кој се зголемува катноста на „Кам“, а „Рамстор“ на пет ката и поткровје.



ГТЦ доби зелен покрив

Да потсетиме, во 2019, тогашниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, со претставници од Градскиот Трговски Центар и Општина Центар официјално го пуштија во употреба зелениот покрив на ГТЦ.

Тешко е да се процени во која состојба е сега – паркот над ГТЦ

За најавените нови зеленила на покривите над „Рамстор“ и „Кам“ од Општина центар велат:

„За сметка на доградбите и зголемувањето на процентот на изграденост, инвеститорите на двете парцели се обврзуваат да изведат зелени проодни кровни тераси. Истите се прават со цел да го зголемат процентот на зеленило на ниво на градската четврт и треба да се достапни за јавна употреба. За да се реализира целосно дозволената бруто површина за градба задолжителен услов е и да го обезбедат неопходниот број на паркинг места во рамките на сопствените парцели“, велат од Општината.

Советниците од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ беа против измените на овој план бидејќи со нив повторно се бетонизира центарот на градот, не се штити јавниот интерес туку се задоволуваат желбите на инвеститорите, објави СДК.

Планот беше усвоен со заедничко гласање „за“ на советниците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Двe советнички од СДСМ не гласаа, „Шанса за Центар“ и Левица беа против.