Со топли радијатору рано утрово се разбудија граѓаните на македонската метропола. Топланите стартуваа со производство и испорака на топлинска енергија во дистрибутивната мрежа до објектите во 06:00 часот, а производството запре во 10:00 часот При стартот на новата грејна сезона не се регистрирани проблеми, велат од ЕСМ.

- – Во овој момент нема дефект на централниот систем за греење со кој управува ЕСМ. По направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, доколку надворешните дневни температури после 15 часот се под 15 степени се започнува со испорака на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува, велат од ЕСМ Санабдување со топлина.
Граѓаните добија парно греење, но по стара цена. Засега Регулаторната комисија за енергетика не носи одлука за нова цена се додека не биде поставен новиот топловод по мостот Беласица, за кој градот Скопје и ЕСМ се натегаат со месеци.

И додека граѓаните се во грч дали наскоро ќе добијат нови повисоки сметки за парно, на терен, околу опожарениот мост „Беласица“ нема никакви активности. Цевките се оставени под мостот веќе трет месец, а местото не е ниту расчистено, ниту пак санирано од изгорените остатоци. Па така пропадна уште едно ветување на премиерот кој пред 3 недели рече дека цевките на мостот ќе бидат поставени на време.

Паралено, од РКЕ велат дека снабдувачот е должен од 06:00 до 22:00 часот да обезбеди топлина од 20+1 степен целзиусов. Претходно, првиот човек на Регулаторна Марко Бислимовски, рече дека цената на топлинската енергија останува иста, а нова одлука ќе биде донесена откако цевководот на мостот „Беласица“ ќе биде поставен. До тогаш, ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост.




