Скапотијата и натаму ќе ги „јаде“ парите на граѓаните, нормализирање на инфлацијата дури во 2026 година?!

Годишната инфлација во Еврозоната во септември падна на 4,3 отсто, од 5,2 отсто претходниот месец, објави Евростат, статистичката агенција на Европската унија. Во ЕУ инфлацијата е малку повисока во септември и изнесува 4,9 отсто, што е намалување за еден процентен поен во однос на годишната инфлација во август. Највисока инфлација во ЕУ во септември има Унгарија – 12,2 отсто, потоа Романија со 9,2 отсто и Словачка со девет отсто.



Од другата страна на скалата е Холандија, која во септември беше во дефлација, со цени за 0,3 отсто пониски во однос на истиот месец лани. Во Данска и Белгија инфлацијата е 0,6 отсто, односно 90,7 отсто.

Во септември, најголем придонес во вкупниот пораст на цените има секторот услуги со два процентни поени, а храната, алкохолот и тутунот со 1,78 процентни поени. Придонесот на индустриските производи во инфлацијата беше еден процентен поен, додека цените на енергијата паднаа, како и претходните месеци, т.е. имаше негативен придонес кон инфлацијата од 0,55 процентни поени.

Последниот чекор за скротување на инфлацијата е најтежок

Новите податоци за инфлацијата во САД за септември покажаа дека цените пораснале за 3,7% на годишно ниво, мерено со CPI. Ова е трет месец по ред како инфлацијата во САД не се намалува (индексот на CPI исто така беше 3,7% во август). За годишниот пораст на цените најмногу придонесоа трошоците за домување и енергетските производи, додека растот на цените на храната е умерен. Така, се остваруваат предвидувањата дека последниот чекор за смирување на инфлацијата ќе биде најтежок. Тоа го потврдуваат и очекувањата на претставниците на ФЕД, кои не ја гледаат целната инфлација од 2% до 2026 година. Охрабрувачки старт на сезоната на објавување квартални резултати имаа најголемите американски банки – Citigroup, Wells Fargo и JPMorgan Chase, кои ги надмина прогнозите на аналитичарите и во однос на приходите и во однос на нето добивката. Аналитичарите прогнозираат дека растот на годишната заработка меѓу компаниите во рамките на S&P 500 ќе биде благо позитивен во третиот квартал, завршувајќи ја серијата од три последователни квартали на пад. Заедно со останатите најголеми американски банки, оваа недела ќе биде интересно да се следат резултатите на некои други големи американски компании како Tesla, Procter&Gamble, Netflix и Lockheed Martin.