Скандал пред настанот организиран Фудбалската федерација на Македонија на кој била презентирана навивачката химна во пресрет на настапот на фудбалерите на Европското првенство.
Скандалот се случи откако, како што пишува „360 степени“, еден стих од песната не му се допаднал на претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини, и поради тоа тој инсистирал да биде променет делот каде се спомнува селекторот на репрезентацијата, Игор Ангеловски.
Во стихот кој Сејдини барал да се тргне се вели: „Мрме на чело на црвена армија, те слави Македонија“.
„Како можат да се дрзнат да го тргнат селекторот или некои играчи од химната, тоа е некоректно и жално. Мислам дека стигнала оваа порака до Федерацијата и мислам дека треба добро да размислат пред тоа да го направат. Но, тоа е за секоја осуда. Ја покажаа нивната некомпетентност, нечовечност. Нема да биде коректно да го тргнат селекторот. Ајде, да ги ставиме тогаш луѓето од Управен одбор во химната, дека тие се најзаслужни што се пласиравме на ЕП. Треба да разберат дека ова е репрезентација на сите, а не нивна“, вели Горан Пандев за “360 степени“.
Несторовски, пак, кого Ангеловски го избриша за мечот со Германија поради пцовките пред камери, застана зад селекторот и објасни како се случило сѐ, кога во еден момент дошла наредбата да не се пее делот за популарниот Мрме.
„Ние играчите бевме повикани да снимаме спот за таа песна. Кога пристигнавме на стадион, не пречекаа Пеце Суперхикс и неговата група – се беше спремно за снимање. Во еден момент почнаа да му објаснуваат на селекторот дека од Федерацијата е побарано да биде тргнат делот во кој се спомнува Мрме. Навистина останавме вчудовидени, не очекувавме таква ситуација, бидејќи знаеме дека тие резултати се постигнати на чело со сегашниот селектор. Снимавме еден дел со него и без него, не знаеме уште како ќе биде. Се надевам дека ќе заврши оваа игра и човекот ќе добие внимание поради сите резултати што ги направи за Македонија“, вели Несторовски.
Верзијата на химната со селекторот Ангеловски ја објавува 360 степени






