„ДУИ се спротивставува на укинување на техничката Влада како што бара ВМРО-ДПМНЕ. Според потпретседателот на партијата Бујар Османи, македонската опозиција инсистира на тоа, бидејќи е против премиер-Албанец.“ – напиша ТВ Алсат на својата интернет-страница со напоредна објавена фотографија од официјален партиски амбиент-простор на ДУИ, во кој истакнати на централно место се наоѓаат знамињата на Соединетите Американски Држави и Албанија, потоа на Европската Унија и две партиски знамиња на ДУИ, а никаде ниедно знаме на државата Македонија!
Но во тој официјален партиски амбиент-простор на ДУИ го нема никаде знамето на државата Македонија, во чија Влада Али Ахмети и неговите сопартијци со своите вицепремиери и министри имаат преовладувачко влијание, па дури уште сакаат Македонија да добие од јануари 2024 „прв албански премиер“, макар и 100-дневен! Со ова свое скандалозно однесување Демократската Унија за интеграција искажува елементарно непочитување и длабока навреда кон Република Македонија и македонскиот народ, но и кон сите други нејзини жители, кои немаат таков негаторски став кон главниот идентификациски симбол на државата, во која живеат сите заеднички.
Во својата информација ТВ Алсат натаму пишува: Османи не сакаше да го открие името на нивниот кандидат. Ќе го објавеле на почетокот на декември, а следниот месец и лидерите на политичките партии ќе седнат за да се договорат за датумот на изборите. „Ваквиот став на Мицковски има само една цел – да ја продолжи кампањата само на неколку теми: албанофобија, еврофобија, бугарофобија итн. Затоа што мислат дека ние нема да влеземе во конкуренција на здравствени програми, социјални програми, корупција и тн. Нив некој ги посоветувал: ‘Останете на овие теми’, ‘Зборувајте против Албанците’, ‘Не може да има премиер-Албанец’, ‘Зборувајте против Бугарите’, ‘Зборувајте против Европската Унија’.Тие во некои говори почнаа да зборуваат и пров Соединетите Американски Држави. Мицковски не е против техничката Влада, поради министрите, или замениците-министри, туку е против премиерот-Албанец.“ – рече Османи.
Вчера ВМРО ДПМНЕ побара да се укине техничката Вада со образложение дека ДУИ нема кредибилитет да назначува премиер, поради многуте коруптивни афери на партијата. Од СДСМ велат дека може да се разговара за укинување на ваквата Влада, но не сега. Досега ВМРО ДПМНЕ и СДСМ назначуваа технички премиери. Првиот пат тоа беше Емил Димитриев, а за следните избори Оливер Спасовски. Сега врз основа на договорот на Али Ахмети и Зоран Заев за формирање на актуелната Влада, одредувањето на премиерот, чиј мандат ќе биде 100 дена, ѝ припаѓа на ДУИ.





