„Македонските лудаци – вмровци воспоставуваат култ на глупавоста во * Македонија и налудничаво извикуваат: ‘Ја продадоа Македоња!’. Сега пред изборите пак го забрзуваат веќе огромното колективно заглупавување на немутираните умни Македонци, ветувајќи им спасение низ ритуалот на колективната смрт, но всушност ги водат целото население и земјата во пропаст.“ – напиша универзитетскиот професор и архитект Мирослав Грчев во својата скандалозна колумна, со наслов „Homo demens macedoniensis“ („Лудиот македонски човек“ – ред. прев.), во која упати тешки навреди кон 300 илјади до 400 илјади Македонци и други гласачи, кои како релативно постојано гласачко тело на ВМРО ДПМНЕ на повеќе парламентарни, претседателски и локални избори ја искажуваат од свои причини својата поддршка за оваа партија. Поправо, не само кон членовите и гласачите на ВМРО ДПМНЕ, туку Грчев упатува навреди врз етничка основа со елементи на етничка дисквалификација и јавно ругање и исмевање кон сиот македонски народ и на неговото национално достоинство, бидејќи нагласува дека „мнозинството ги следи лудаците и оглупавува и самото тоа“. Како што постапуваше по пријавите за „етничка омраза“ и „навреди кон Бугарите“, дали Комисијата за антидискриминација, или и други надлежни државни органи, сега ќе изреагираат и против „македонскиот интелектуалец“ Мирослав Грчев?
Затскривајќи се зад латинските зборови и научните термини, во својата колумна Грчев ги означува споменатите гласачи како homo demens macedoniensis (луд македонски човек – ред.прев.), или како homo vmronens (вмровски човек – ред. прев.)! Скандалот е дотолку поголем што овој колумнист, всушност целата Македонија (со негова додавка „северна“) ја прогласува како „регион на глупавоста“!
Ако се пребарува на интернет, ќе се најде и дефиницијата дека homo demens е „обопштен термин за милитантни, воинствени групи, кои се спротивставуваат на централизацијата на моќта, целејќи да ги задржат како независни своите градови по своја самоуправа“. Дали можеби под „еволуциските дефиниции“ homo demens macedoniensis и homo vmronens Грчев подразбира „вмровски лудаци – македонски налудничави воинствени групи, кои ѝ се спротивставуваат на мудрата власт“?!
Но, еве што напиша Мирослав Грчев, покрај другото, во оваа колумна, објавена на порталот на весникот „Слободен печат“: Светскиот институт за глупост врши засилени мерења во еден природен изолат на глупоста, регион во науката наречен Macedonia Borealis (* Македонија – ред.прев.), во која тенденцијата на заглупување добива такво забрзување што научниците чувствуваат потреба да ги сменат методите и мерните апарати, со кои го мерат ова забрзување и да почнат да се користат со алатките и мерките на квантната физика.
Основниот катализатор на заглупавување на македонскиот homo sapiens (умен човек – ред.прев.) – ендемична (појава само во едно одредено подрачје – ред.прев.) мутација на човекот, која е наречена во науката како homo demens macedoniensis (луд македонски човек – ред.прев.), или како homo vmronens (вмровски човек – ред. прев.), која му се наметна на целото население, воспоставувајќи култ на глупавоста, што им ветува на Македонците спасение низ ритуалот на колективната смрт.
Појавата на налудничавото забрзување на колективното заглупавување на немутираните граѓани удира врз населението периодично, секогаш кога животот е спокоен и се одвива во слобода и мир, непосредно пред изборите на кои мнозинството ќе ги избере мутираните глупаци да ја земат власта и да ја поведат гордо и весело земјата во пропаст. Тоа се случи во 1990, 1998 и 2006 година, и еве деновиве кога е измерено огромно зголемување на глупоста во македонската јавност.
Овие периодични пропаѓања во глупост секоја следна пригода се полоши, но оглупавените веќе не паметат ништо и не се ни свесни за своето ментално слепило. И така, ендемичната мутација homo demens macedoniensis, масовно се шири со медиумско силување на луѓето од сите полови и возрасти, а оболените се препознаат по налудничавото извикување: „олку лошо никогаш не било“ и „ја продадоа Македоња“…
Но, нема место за очај и чемер, зашто секогаш кога се наоѓавме во безизлезна ситуација, успевавме да не го пронајдеме излезот. И што ни фали?





