Негувателка вработена во градинката „11 Октомври“ во скопската населба Радишани е осомничена дека вршела физичко и психичко насилство врз 3-годишно дете. 32-годишната негувателка толку го малтретирала детето што тоа од силен стрес го изгубило говорот. Случајот бил пријавен од родителите, откако претходно за него бил информиран градоначалникот на Бутел Дарко Костовски. Дел од родителите кои денеска дојдоа да си ги земат своите деца биле запознаени со случајот, но не сакаат да зборуваат пред камерата на МРТ. Имаше и родители кои не знаеле за што станува збор. Но во секој случај, го осудуваат чинот.

Јавното обвинителство отвори истрага за сторено кривично дело запуштање и малтретирање дете.
„Осомничената која е вработена во градинката му се обраќала со погрдни зборови, го влечела и тегнела за коса, поради што жртвата претрпела силен страв и стрес, што резултирало со губење говор и страв од одење во градинка“, информираат од Јавното обвинителство.
Од Обвинителството велат дека е доставен и предлог за мерки на претпазливост за осомничената, како забрана за напуштање на домот, одземање патна исправа, забрана за посетување на градинката, како и приближување до оштетеното дете.

Од Министерството за труд велат дека до нив пристигнала претставка за овој случај, а на 15 минатиот месец бил извшрен вонреден инспекциски надзор, каде со решение директорката на градинката била задолжена да поснесе кривична пријава до вработената, по што таа поднела иницијатива за дисциплински престап и дала дисциплинска мерка на вработената
Осомничената вработена во детска градинка во Радишани во повеќе наврати извршила психичко и физичко насилство врз детето кое ја посетувало јаслената група. Побарано е и на осомничената да ѝ биде изречена забрана да се појави на работното место, но и во сите други објекти што се дел од истата детска градинка.





