Скандал: Лекар “им помогнал” на двајца заболени од Ковид-19 да починат

Лекар од универзитетската клиника во Есен е осомничен дека на двајца пациенти со корона им дал лекови што довеле до нивна смрт, објавуваат германските медиуми.



Според информацијата на весникот „Билд“ 44-годишниот лекар е уапсен.

Како што објавија полицијата и јавниот обвинител во заедничкото соопштение за печат, лекарот од универзитетската болница во Есен кој е уапсен пред три дена е обвинет за убиство во два случаи.

Истрагите на полицијата и јавното обвинителство го потврдија сомневањето дека лекарот администрирал лекови на двајца тешко болни пациенти што довело до нивна смрт.

Двајцата починати мажи, на возраст од 47 и 50 години, биле пациенти во одделот на лекарот и биле во многу критична здравствена состојба.

Според „Билд“, двајцата мажи биле сериозно болни од корона а починале на 13 и 18 ноември.

Според информациите од полицијата, лекарот коментирал само еден случај во кој сакал да стави крај на страдањата на пациентот.

Тој изјавил дека сака да стави крај на понатамошното страдање на пациентот и неговите роднини.

Според „Билд“, лекарот ги известил роднините пред неговиот чин за да можат да се збогуваат.