Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева, ги отфрли обвинувањата против неа дека имала корист од Кина со манипулирање со податоците во извештаите на Светска банка, јави Гласот на Америка.
Георгиева разговараше со одборот на извршни директори на ММФ, кој се состана за да го разгледа извештајот на Етичката комисија на Светска банка за постапките на Георгиева.
Имено, Георгиева имаше високи раководни позиции во Светска банка од 2017-2019 година, по што премина ма чело на ММФ.
Претходно, адвокатската фирма ВилмерХејл објави дека додека била шеф на Светската банка, Георгиева наредила промени во податоците за да го подобри рангирањето на Кина на листата на „Дуинг бизнис“. Тимот на Вилмер Хејл спроведе истрага нарачана од Етичкиот комитет на Светска банка околу овој случај. Во него се споменува и името на Симеон Дјаkанков како советник на Георгиева. Исто така, се вели дека тој бил поврзан со активности во корист на Саудиска Арабија и Азербејџан.
Резултатите од истрагата предизвикаа загриженост во многу земји, вклучувајќи ги САД, Франција, Велика Британија и Јапонија.
Американскиот сенатор Марко Рубио за Ројтерс изјави дека „слободните нации треба сериозно да ја преиспитаат улогата што ја игра Пекинг во светските институции“.
Светската банка престана да објавува ранг-листи за бизнис климата во државите познати како „Дуинг бизнис“ што се објавуваат од 2003 година.







