Сивата економија „стопи“ пола милијарда евра приходи од буџетот, каде се тука неажурните институции?!

Според анализата на Стопанската комора сивата економија кај нас е 33,2 проценти од БДП, или 4,288 милијарди евра според податоците за 2022 година. Кога би успеале да се сведеме на нивото на просекот од ЕУ, државата би прибирала најмалку 450 милиони евра годишно поголеми приходи во буџетот.



Секоја година поради сивата економија Македонија пропушта да собере околу половина милијарда евра приходи во државниот буџет, средства со кои би можеле да се финансираат значајни проекти во образованието, здравството, инфраструктурата.

Ова е процената која денес во Стопанската комора на Северна Македонија ја презентираа потпретседателот на комората Зоран Јовановски и даночниот експерт Павле Гацов, кои заедно со универзитетскиот професор Александар Стојков изработија анализа за обемот и за влијанието на сивата економија во македонската економија: „’Сивиот дел’ на македонската економија: големина, импликации, решенија“. Според истражувањето, сивиот дел во македонската економија е на ниво од 33,2 отсто од домашниот бруто-производ (БДП), односно, ако се земат податоците за нивото на БДП во 2022 година, таа изнесува фантастични 4,28 милијарди евра.

  • – „До оваа анализа постоеја различни проценки од различни авторитети за обемот на сивата економија кај нас, кои се движеа од 17 до 33,4 проценти од БДП. За потребите на оваа анализа професорот Стојков направи пресметка и според неа во македонската економија сивиот дел е 33,2 проценти од БДП“, посочи Јовановски, додавајќи дека ниво е отприлика исто како и во другите земји од Западен Балкан, но е значително повеќе од просекот во ЕУ 27, каде што изнесува 19,4 проценти од БДП.
  • – „Што значи низ бројки 33,2 проценти од БДП? Ако ја земеме 2022 година тогаш сивиот дел на македонската економија изнесува 4,288 милијарди евра, ако ја продолжите пресметката понатаму во смисла на изгубени приходи во Буџетот тоа 1,280 милијарди евра“, рече Јовановски.

Даночниот експерт Гацов додаде дека не треба посебно елаборирање за каква сума станува збор, посочувајќи дека освен што пропуштаме секоја година поголеми приходи во буџетот, оневозможуваме идните генерации да живеат европски, да имаат модерно здравство, да имаат добри патишта и тн.

Според него еден од водечките фактори за појава на сивата економија се давачките, односно даноците и социјалните придонеси.

  • – „Обично кога се зборува на оваа тема и кога ќе каже дека во некој стопански субјект не се издава фискална сметка веднаш по едноставна технологија се вели дека 18 проценти ДДВ е изгубеното што државата не го наплаќа. Ние во студијата докажуваме дека станува збор за значително поголеми износи односно дека се работи за избегнување на повеќе од половина на прибраните приходи“, рече Гацов објаснувајќи дека ако субјект во сивата економија на целиот прибран приход не плаќа никаков данок, значи сите 100 единици му се приход кој што го става во џеб и го користи понатаму за мултиплицирање и генерирање нова сива економија, корупција и тн. Од друга страна, оној кој што работи во регуларната економија, според направената анализа, за државата двои дури околу 53 проценти од приходите, во вид на данок на добивка, персонален данок, како и други давачки.
  • – „Ова е значајно и затоа во ваквите причини ги наоѓаме и решенијата во борбата против сивата економија односно нејзиното регулирање“, рече Гацов.