Сите честитаат за Северна Македонија

Веднаш по изгласувањето на Преспанскиот договор во грчкиот парлемент, премиерот Зоран Заев, на „Твитер“ упати честитка до грчкиот колега, Алексис Ципрас.



„Честито мој пријателе, заедно со нашите народи испишавме историска победа. Нека е вечен Договорот од Преспа, нека се вечни мирот и прогресот на Балканот и во Европа“, напиша Заев.

Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан топло го поздравија новиот чекор во усвојувањето на Преспанскиот Договор, со кој земјата станува Северна Македонија.

„Од самиот почеток ЕУ силно го поддржа историскиот договор потпишан од Премиерите Ципрас и Заев под водство на ОН. Потребна беше политичка храброст, лидерство и одговорност од сите страни за да се надмине еден од најтешките спорови во регионот. Двете земји ја искористија оваа уникатна прилика која дава пример за помирување во цела Европа и ќе донесе дополнителен поттик за европската перспектива на регионот„ се вели соопштението.

И Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја поздрави ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент и рече дека тоа е значаен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион.

„Преку изнаоѓањето на македонско-грчкото решение, Балканот, Европа и светот добија нов модел за градење пријателства и соработки меѓу народите и државите, се вели во соопштението на македонската влада по позитивната одлука на грчкиот параламент.

Владата, воедно, им честита на сите граѓани на двете земји за мирот, прогресот и развојот кои, како што се наведува, ги носи овој Договор.