Сиромаштијата во Македонија ближи до 25%, платите во слободен пад, скапотијата на најјако

Потребни се брзи и сериозни мерки во областа на економијата преку нови инвестиции и вложувања, развој на нови производствени капацитети, зголемување на поддршката и субвенционирање одделни стопански области, што ќе доведе до зголемување на платите и намалување на сиромаштијата на населението, алармира најголемиот синдикат во Македонија, ССМ. Тие бараат сега и веднаш да се покачат платите, за народот да може колку толку полесно да го издржи овој силен товар, кој повлекува поскапување на буквално се.



  • Со зголемувањето на ДДВ на многу производи повторно ќе дојде до зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка, односно претходната мерка на загарантирани цени на основните прехранбени производи нема да има никаков ефект – велат од ССМ.

Оттаму нагласуваат дека 120.000 граѓани не заработуваат ниту половина од потребното за основните трошоци, односно се на минималец и очекуваат понатамошно зголемување на стапката на сиромаштија на населението до 25 отсто.

Економскиот истражувач и професор Бранимир Јовановиќ смета дека до крајот на годинава, умерената сиромаштија во државата ќе порасне за 80 и 160 илјади граѓани, што значи дека ние би имале вкупно 510 000 граѓани што се во таа категорија. Како што појаснува, во умерена сиромаштија, спаѓаат сите што имаат помалку од 200 денари на ден, што значи повеќе од четвртина од државата ќе имаат само за преживување.

  • Препораките се дека државата мора да ги замрзне цените и да ги држи така подолго време, барем половина година за да се спречи инфлацијата. Паралелно со тоа, мора да се зголемат сите примања на луѓето, доколку сака да го ублажи овој пораст, истакна Јовановиќ.

Тоа значи дека повеќе од четвртина од државата ќе живеат во умерена сиромаштија.

Според универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети, првобитното сеопфатно покачување на ДДВ (од 5 на 10 отсто) за листата на дел од базичните прехранбени цени беше контрадикторно, поради што, како што додаде тој, и самата влада призна и направи одредена корекција, што покажува дека Владата има слух за вакви потреби.

  • Тоа што над 100 илјади жители не заработуваат доволно за да ја финансираат потрошувачката кошница не е случај само кај нас. Секогаш имало и ќе има таков слој, но факт е дека кај нас тој општествен слој е доста широк, што покажува дека сиромаштијата е структурална и не може да се реши преку акции на замрзнување цени, затоа што тоа ги опфаќа и другите слоеви т.е целото население, што не треба да биде така. Мора да се наоѓаат инструменти за целни мерки кон тие што се најмногу погодени со таа структура и динамика на кошницата – воочува Беџети.