СИРИЗА „многу горда“ на Преспански договор, бил модел за тешки спорови

Костас Дузинас, пратеник на владеачката СИРИЗА и претседател на Комисијата за надворешни работи и за национална одбрана во грчкиот Парламент, го испофали Преспански договор на вториот ден од евроарапскиот самит во Атина.



„Овој договор го почитува самоопределувањето и културното признавање на нашите северни соседи и целосно ги заштитува историските и културните интереси на грчкиот народ. Во таа смисла, ние сме многу горди на оваа спогодба, која јасно ја издигнува позицијата на Грција во регионот и на меѓународно ниво, но поважно е дека даде модел како преку преговори и политички договор да бидат решени долгогодишни прашања со посебно тешки идентификациски проблеми“, изјави Дузинас.

Оценувајќи го како историски пред присутните на форумот, тој за договорот од Преспа рече дека ги „определува политичките, историските и културните граници меѓу двете соседни држави.

„Тоа гарантира дека иднината на односите меѓу двете земји и поширокиот регион на Балканот ќе биде иднина на мир и на заеднички развој“, додаде Дузинас.