Сирија ги призна Донецк и Луганск, Зеленски ѝ се закани со санкции

Сирија ја призна независноста на Донецк и на Луганск, кои ја објавија својата намера да се отцепат од Украина во 2014 година и беа официјално признати од Русија во февруари, два дена пред да ја почне својата воена интервенција против Киев.



Сириската арапска новинска агенција (САНА) ја објави одлуката попладнево, повикувајќи се на извори во Министерството за надворешни работи во Дамаск.

„Отелотворувајќи ја заедничката волја и желба за воспоставување односи на сите полиња, Сириската Арапска Република одлучи да ги признае независноста и суверенитетот и на Луганската Народна Република и на Доњецката Народна Република“, се вели во извештајот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на ваквиот потег одговори со закана од санкции против Сирија и со целосен прекин на односите меѓу двете земји.

Двете „народни републики“, кои заедно го сочинуваат регионот Донбас, прогласија независност од Украина во 2014 година, по државниот удар со кој беше соборен тогашниот претседател Виктор Јанукович. Украинската војска потоа водеше осумгодишна војна против регионот, додека Русија не ја призна нивната независност.

Во септември 2015 година, по барање од Дамаск, Русија започна воена операција во Сирија, која во тоа време беше зафатена со војна со Исламската држава, како и со други терористички групи. Во февруари 2022 година сирискиот претседател Башар ал Асад изјави дека е подготвен да ги признае двете републики. Илјадници сириски доброволци учествуваат во руската воена операција таму.

Белорусија, Никарагва, Судан и Венецуела не ги признаа републиките во Донбас, но ја објавија својата поддршка за признавањето на Русија.