Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија ги повика членовите, истомислениците и борците за социјална правда, како и сите загрозени работници кои во изминатиот период се соочуваат со прекршувања на нивните работнички права, на мирен протест во четврток – 15.04.2021.
„Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија во изминатиот период се обидува да воспостави социјален дијалог со надлежните претставници на министерствата и државните органи со цел разрешување на одредени проблеми кои ги засегаат вработените, како и да укажеме на почитување на законите и колективните договори кои подолг период во континуитет се прекршуваат.
Исто така истакнуваме дека работничките и човековите права се прекршуваат дури и за време на пандемијата кога луѓето се во ранлива економска и здравствена состојба“, велат од конфедерацијата.
Од КСС барат очитување на законите од областа на трудовото право, барање за неодложно постапување на институциите при прекршување на законите, да се запре притисокот врз синдикалното организирање и синдикалните лидери.
Протестот ќе се одржи со автомобили со цел почитување на мерките за заштита од коронавирусот.






