По најавите од Синдикатот на Клинички дека ако нема плата до понеделник нема да се работи, на генерален штрајк повикуваат и здравствените работници од Тетово.
Во меѓувреме, од лекарите и вработените во здравство кои се без плати, но и од пациентите, помеѓу кои има и такви со мозочни удари што на шалтерите на ФЗО речиси секој ден одат за да си ги побараат парите од ланските боледувања, и од бремените жени што ги чекаат исплатите, првиот човек на Владата Димитар Ковачевски бара трпение. Тој тврди дека се работи на решавање на хакерскиот напад на Фондот, и уверува дека проблемот за скоро ќе се решел и тоа со помош на експерти од Германија. Ковачевски појаснува дека за граѓаните и лекарите да не чекаат предолго, се размислува за опцијата парите за исплати да се земат од главната каса на Министерството за финансии, па потоа да се порамнуваат сметките со Фондот.

Свесен за тоа дека вработените немаат земено плата, а дека имаат и свои обврски, како кредитни и дебитни картички, разговаравме за можноста да се направи исплата преку централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот на Фондот за здравство. Така што, сега и Министерсвото за финансии е вклучено. Се работи за комплексна операција и упатувам апел до сите вработени во здравството и сите корисници на услугите на фондот за здравствено осигурување да имаат трпение.
Директорката на ФондотМагдалена Филиповска Грашкоска, пак, веќе десеттина дена одбива јавно да проговори за проблемите и лично да даде образложение за состојбите на системот што инаку раководи со парите за здравственото осигурување на граѓаните. Алатката која ја користат е писмени соопштенија , преки кои посочуваат дека работат со болниците за да ја добијат потребната документација за исплата на плати.
Во меѓувреме, токму од Фондот се земат пари и за лекот „Трикафта“ за најтешко болните од цистична фиброза, ама надлежните тврдат дека финансиите претходно биле обезбедени. Сега, добавувачот дал број на количини на пакувања, ама не се знае кога тие точно ќе дојдат до пациентите, бидејќи, според надлежните, се произведувале по нарачка и нема на залиха. Инаку, иако најавувани две недели по ред, предлог законските измени кои ќе овозможат дирекни преговори за пониски цени помеѓу државата и производителот се уште не се доставени во Собрание.




