Синдикати, граѓани и експерти прашуваат зошто Владата кога ги зголеми платите на функционерите не размислуваше за тоа дали има пари во буџетот и дали тие се добро ситуирани и подлежни на корупција, пишува Плусинфо.



И зошто сега, кога вработените во УЈП и Царина бараат повисоки плати за 30% и законска исплата на додатоците на плата се користат аргументите дека нема пари во буџетот, а платата се условува со проверка на финансиската состојба на вработените?

Најчевска: Наместо функционерите-мафијаши, ќе ја отпуштат дактилографката Перса

Ковачевски пред два дена ги повика директорите на УЈП и на Царинската управа да најдат модел за проверка на имотната состојба на нивните вработени како дел од процесот за усогласување на платите и дека тоа било поттикнато од скринингот во Брисел кој дал „интересни податоци“ во делот на ефикасноста на Царината и би ја подобрило нивната транспарентност.

„Мислам дека ако тоа се примени во Царина, ќе се зголеми нивната транспарентност, ќе добијат на тежина и на општествен кредибилитет, бидејќи ако некој нема што да крие, нема ни потреба да не поддржи еден таков процес“, изјави премиерот.

Синдикатите ова го оценија како директна закана за вработените и правото на штрајк, бидејќи обврската да побараат имотни листови од вработените директорите ја имале и досега.

„Значи во буџетот има пари – штом имаше за функционерите, тогаш има и за вработените. Таква е логиката. Или поинаку кажано, во демократијата функционерите треба да бидат слуги на народот, па ако има пари за повисоки плати на слугите, тогаш зошто би немало пари за газдите“ вели професорот Здравко Савески.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини преку Фејсбук испрати порака до премиерот:

„ Ковачевски, провери го прво ти имотот на првиот и вториот ешалон и расчисти го најголемиот корупциски скандал со Дојче телеком за што и самиот си сведок“, напиша Хајредини.