Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото (НСГРИТГ) денеска најави дека ќе организира мирен протест поради одлуката за зголемување на цената на струјата за 7,4 проценти, оценувајќи дека тоа е показател за недомаќинско работење.
„ Најавеното поскапување на струјата од 7,4 проценти заедно со Данокот на додадена вредност од 18 проценти ќе изнесува 8,73 проценти, а во изминатите 14 години струјата поскапела 230 проценти, изјави претседателот на НСГРИТ Атанас Трајковски, кој не прецизираше кога ќе се одржи протестот но повика на учество од сите работници кога ќе го организираат.
Обвини за популизам и удирање по џебот на граѓаните затоа што, како што вели, со поскапувањето на струјата од работниците се одземаат парите што ги добиваат со последното зголемување на износот на минималната плата.
Добро беше што се зголеми минималната плата од 14.500 на 14.900 денари, но, дополни Трајковски, еве на кој начин пробуваат тие пари да ги земат од џебот на производствениот работник.
„Ситуацијата е – дај им па ќе им земеме. Не може така. Пресметав дека мојот џеб како просечен работник во текот на годинава во просек ќе биде оштетен некаде за 500 денари, така што ете како покачувањето од 500 денари ќе си го вратат назад. Не смееме да дозволиме покачување на платите од наши џебови, кое е популизам, а сега сакаат да го вратат. Ги повикувам сите работници да излезат на мирен протест кога ќе го организираме“, изјави Трајковски.






