Податоците за вкупното резидентно население, вкупното нерезидентно население опфатено со пописот, пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, се први податоци од пописот кои ќе бидат објавени утре, како што беше и најавено, вели во интервју за МИА директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Вели дека е особено горд што пописот спроведен во 2021 е ефикасен, професионален и успешно спроведен и претставува темелен, точен и прецизен приказ и пресек на нашето општество.
Вкрстената анализа на сите податоци, Симовски, вели дека не остава простор за манипулација и кога располагате со сериозни бази на податоци преку кои неколкукратно правите проверка на прибраните податоци од терен, можноста за грешка е практично непостоечка. Имањето на прецизни информации за реалната состојба на населението, ќе ѝ обезбеди на државата можност да креира политики, кои ќе можат подобро да одговорат на потребите на граѓаните и бизнисот.
Објавувањето на податоците ќе се одвива сукцесивно, по сетови на податоци.
Покрај споменатите кои ќе бидат објавени утре, во месеците што следат ќе бидат објавувани сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, попреченост…







