„Ние не велиме дека етничката и религиозната припадност нема да бидат дел од податоците што ќе се собираат, туку дека наш став е дека овие податоци немаат никаква употребна, статистичка вредност, туку само политичка, односно штетата што може да се направи со вклучување на овие статистички белези е поголема од користа, затоа и предлагаме да се исклучат од пописните белези“ вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за „Слободен печат“.



Директорот, кој неделава излезе со став дека на пописот 2020 година нема да се поставува прашањеза етничката или религиозна пределба на граѓаните вели дека треба да се отвори дебата и ќе треба да донесе конечен став околу ова прашање, а технички нема проблем овие две прашања да бидат вклучени.

„Во социјализмот овој белег се ставаше поради концептот за братство и единство што постоеше, а потоа како дел од анкетните прашања се влечеше по некаква инерција. Сега сакаме да градиме граѓанско општество, па во таа насока и ова го приспособуваме.

Пописот во 2011 година не успеа токму поради овие два податока. Не држат коментарите дека исклучувањето на овие два статистички белега се прави за да се задоволат нечии политички барања“ вели Симовски.