Симовски до Алити: Единствено валидно за „балансерот“ е резидентното население, а не вкупното

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, контра министерот за информатичко оптество и администрација, Адмирим Алити, во врска со промените во „балансерот“ за правична застапеност на заедниците при вработувањата во државните институции и претпријатија.



„Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е согласно сите стандарди на Обединетии нации, кои важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат“, изјави Симовски за МИА. „МИОА нè контактираа телефонски минатата недела и ние им кажавме дека единствена категорија што треба да ја гледаат е резидентно население. Прашаа и добија одговор“.

И покрај тоа, Алити реши да ги користи податоците за вкупното население.

„Во таа бројка влегува резидентното население, но и нерезидентното, па вкупните бројки се: 54,21 отсто Македонци, 29,52 отсто Албанци итн. На тие бројки пропорционално се распределени и додадени 6,4 отсто од оние што беа административно попишани. Така е составен новиот балансер“, објасни вчера министерот.

Според новата методологија одобрена од него, секоја јавна институција кога ќе прави годишен план за вработување ќе треба да планира 31,43 отсто да бидат Албанци, 4,25 отсто Турци, 2,5 проценти Роми итн., а не според ланскиот попис, кој во резидентното население регистрира 58,44 проценти Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми итн. 

Во резултатите од пописот има и 132 илјади граѓани или 7,2 проценти од резидентното население кои се водат како „административно попишани“ поради тоа што не беа лично попишани, туку податоците беа преземени од административните бази.