Симболот на Скопје – Универзалната сала скапува пред очите на граѓаните, зошто Градот никако да покаже сериозност?!

Иако согласни дека се работи за проект од интерес на сите скопјани, советниците од Градот Скопје не ја поддржаа иницијативата на советничката група на СДСМ со која се предлага Градот времено да ѝ ја отстапи Универзалната сала на Владата, односно на ресорното Министерство за култура, за да може да се продолжи со реконструкција на објектот.



„За“ иницијативата гласаа 15 советника, шест гласаа „против“, а двајца беа „воздржани“, по што претседателот на Советот, Трајко Славески, констатира дека таа е неусвоена.

Советничката група на СДСМ, која е и подносител на оваа иницијатива, не гледа ништо спорно во тоа Универзалната сала времено да му биде отстапена на Министерството за култура за да се заврши реконструкцијата, а потоа да му се врати на Градот Скопје.

Градоначалничката Данела Арсовска вели дека таа не може да донесе одлука за предавање на скопската Универзална сала на Владата. Откако советнците на СДСМ во Советот на Град Скопје на денешната седница пак поднесоа иницијатива за преземање на концертната сала, Арсовска кажа дека советниците сами треба да одлучат за ова прашање.

Тоа не е одлука којашто јас како градоначалник можам или сакам да ја направам. Иницијативата беше покрената од советниците, како што впрочем ги покренуваат сите иницијативи, и за тоа тие самите треба да одлучат. Да видиме во која насока се движи дискусијата и кое е всушност барањето коешто претендираат да го постават на дневниот ред на денешната седница на Советот“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција за точките кои се денеска на дневен ред на седницата.

Универзална сала од доаѓањето на функција на Арсовска не се гради, стои отворена, разурната и скапува. Арсовска рече дека ја стопирала градбата оти проектот не бил безбеден и требало да се прави нов, но оттогаш помина повеќе од една година и ниту има нов проект ниту пак има најави дека се планира да се прави.