Професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова ја анализира ,,молерската” фирма на премиерот Ковачевски, министерката Јованка Тренчовска, лидерката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, потпретседателот на собранието Горан Мисовски и други кои според неа извршиле политички упад во детска градинка.
Наведените политичари пред неколку дена се сликаа во градинка фалејќи се дека таа била кречена.
Во коментар со наслов ,,Политичка молерска фирма”, Силјановска вели дека би разбрала министерката за труд и социјална политика и градоначалникот на Центар да присуствуваат на поставување камен-темелник на градинка, или на ОТВОРАЊЕ на градинка, но не и на политичко крунисување на молеро-фарбарски работи.
,,Не можам да одгатнам што бара шареното владино-собраниско друштво, пресреќни заради ОБЕЛЕНИТЕ sидови, небаре волонтирале во кречењето!
Не е првпат да забележиме некои од нив заедно, наместени за јавно сликање. Не ја пропуштија ни холивудската презентација на журналот на филмот за „ЖИВОТНОТО ДЕЛО“ на режисерот д-р Груби, во копродукција со Бехтел и Енка, а сме ги виделе и во други прилики со премиерот како уживаат во ЕДИНСТВОТО на власта!
Неевропски и недемократски е фронтовски, односно војнички да се стројат и парадираат законодавната и извршната власт во детски градинки! Нецивилизирано, нехумано и ЗАБРАНЕТО со меѓународните/европските норми е да се прави ПОЛИТИЧКИ УПАД во детскиот свет.
Одговорноста за ПОЛИТИЧКОТО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ не е само на политичките натрапници, туку и на оние кои ја водат градинката. Тие не смеат да учествуваат во политички молерај”, смета Силјановска.





