Универзитетската професорка Гордана Силјановска Давкова, предлага да се креира нов Устав, но не вака по порачка за покривање политички цели туку заради создавање уставно втемелена демократска држава.



„На овој Устав му требаат сериозни измени. Со овие ад хок измени што ги правевме од Уставот направивме нешто што не се почитува. Сега се срамам кога предавам уставно право, вели Силјановска во гостување во СТУДИО 10 на ТВ 24.

Ние имаме 36 амандмански измени за 30 години, а американскиот устав има само 27 за 200 години постоење“, вели Силјановска Давкова.

Силјановска Давкова вели дека е интересно што ни Уставниот суд не покрена реформи на судот, а самиот суд се соочува со сериозни проблеми. Потоа, вели таа, ние имаме проблем со политичкото уредување на надлежностите на Владата и Собранието, што треба да се реши со Устав. 

„Ние не се грижиме за правата на граѓаните туку се занимаваме со проблеми од етничка природа или се врзани со интервенции однадвор што значи наметнати измени а не измени кои ги наметнува реалноста“.

Силјановска Давкова потсетува дека идејата на уставотворците била мултикултурна држава, а не бинационална држава, па оттука тоа 20 отсто не се однесува само на Албанците оти во локалните самоуправи има и други јазици застапени кај 20 отсто од популацијата.

„Ние имаме чуден Закон за употреба на јазиците од 2019 година во кој македонскиот јазик воопшто не се споменува во смисла на појаснување. Тоа е закон за албанскиот јазик“, вели Силјановска Давкова и додава дека ние секогаш го жртвуваме правото за сметка на политиката.