Професорката Гордана Силјановска Давкова бара Уставниот суд да не се однесува како да е невладина организација која има функција да врши мониторинг туку да ја разгледува уставноста на указите со законска сила донесени од владата.
“Конечно, се огласи Уставен суд : будно ја следел и анализирал вонредната состојба, небаре, think – tank е!
Го охрабрувам да се соочи со владата и храбро да реагира на вирусот на неуставноста, давајќи и уставноправна лекција на семоќната (НЕ)ПРЕОДНА Влада, иницирајќи постапка за оценка на уставноста барем на две уредби со законска сила: Онаа за надомест на средствата на јавнообвинителските службеници, истражители и други вработени од СЈО, како и онаа за издавање од НБМ банкноти со новото име”, смета професорката.
Според Силјановска во случајот на првата уредба врвната хипокризија е кај Владата, која како творец на ПРАВНАТА ПРАЗНИНА, предвидувајќи дека законот ќе стапи во сила ДУРИ ВО ЈУЛИ, се повикува на неа, а неговото донесување помина речиси наврат-нанос.
“Кај втората, дури ни според Преспанскиот договор не е обврзана да го спроведува овој правен чин, оти, сеуште не сме добиле датум, ниту сме отвориле поглавје или кластер во преговорите за членство во ЕУ. Згора, секаде се знаат приоритетите во вонредна состојба: здравјето и слободите земајќи ги предвид правата на човекот и граѓанинот”, заклучува еден од најдобрите познавачи на македонскиот уставен систем која смета дека сега” на потег е Уставниот суд”.





