Во пост на Фејсбук со наслов „Закон за јавно обвинителство или Закон за промоција на новото име“ професорката Гордана Силјановска-Давкова одговара на нападите на власта дека е согласна на компромис за да го прифати новото име.
Интегралното обраќање на професорката Силјановска:
ЗАКОН ЗА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ИЛИ ЗАКОН ЗА ПРОМОЦИЈА НА НОВОТО ИМЕ?
На првиот ден од расправата за „Законот за јавно обвинителство“, еден од моите предлози беше, по споменувањето на новото име „Република северна Македонија“ во првиот член на законот, во согласност со номотехничките правила и практики, во заграда да стои (во натамошниот текст: Републиката). Во најголемиот број закони, донесени пред промената на името, веднаш се воочува горенаведново, односно по првичното споменување на „Република Македонија“, во текстот фигурира членуваната именка : „Републиката“.
Дали со тоа се избришало името Македонија? Се разбира, „не“, но незгасливото чувство на вина кај оние што се откажаа од него, во „ наше“ име и со неизлечливиот комплекс од „северна“, особено потенциран пред изборите, ги туркаат во политички обвинувања.
Сепак, СЕКОЈА ЧЕСТ НА ЕКСПЕРТИТЕ по неверојатно плодната и инспиративна дебата во Собранието, културно, коректно и посветено водена од страна на г. КИРАЦОВСКИ, со еден мал, занемарлив инцидент/исклучок, што не заслужува елаборација, затоа што не се работи за правен експерт, туку за пропагандист кој, дојде, го глорифицира законот, фрли неколку политички навреди и закани и… исчезна.
Она што ме шокира во „Законот за јавно обвинителство“ е ноторниот факт дека, речиси, во секој член, а во некои, дури и по четири пати (членовите: 25, 27, 29., но и во многу други ) безмилосно се експлоатира новото име, небаре се работи за натпревар по рекордна употреба на „Република северна Македонија, а не за „Закон за јавно обвинителство“. НЕ Е ЗА ВЕРУВАЊЕ , но, во закон со 113 ЧЛЕНА, НОВОТО ИМЕ СЕ СПОМЕНУВА РЕКОРДНИ 219 ПАТИ!
Во прашање е ЛОШ закон, nomos што би рекол Аристотел, со сериозно проблематични решенија, коишто, доколку не се посегне по темелна ревизија, тешко дека ќе овозможи ефикасна борба со најголемото македонско зло: корупцијата и криминалот, во функција на владеењето на правото. Критиката дојде од најголемиот број ЕКСПЕРТИ, изразена со јазикот на НАУКАТА, СТРУКАТА И ЕТИКАТА .
Но, новото во овој закон е НЕВИДЕНАТА ПРОМОЦИЈА на името „Република северна Македонија“ во интерес на „незаборавање“ на зборот Македонија, како што чувме од коментарот на предлогот за наведување на новото име само во првиот член, даден на пресот во Собранието.
Јас останувам на мојот став. Не го делам стравот на министерката за правда дека практикувањето на вообичаената номотехника, со споменување на новото име само во првиот, но не и во подоцнежните членови води кон бришење на зборот Македонија, што туркало кон тврдата грчка линија, со која се „бореле бранителите“ на Македонија. За интензивната ДЕМАКЕДОНИЗАЦИЈА, напротив, сметам дека придонесува неконтролираната и чудовишна законска експлоатација на новото име!
Ниту сметам, ниту сум споменала дека зборот „ република“ е „Соломонско решение“ (формулација на министерката, видете тука: https://bit.ly/2Od6Zp9) за замена на „Република Северна Македонија“!
Јас, што би рекол Бернард Шо, не менувам ТАТКОВИНА. Ќе продолжам да се повикувам на личното право на самоидентификација, поврзано со правото на самоопределување на македонскиот народ и ќе го користам и ќе го бранам името Република Македонија!
По бројните сериозни забелешки на законот од научната и стручна правничка фела, зад кои стоеше непобедливото оружје на научната аргументација, оние што го сменија името, наспроти оние што го бранеа, сега „ја бранат“ Македонија, преку „Република северна Македонија“ и Северна Македонија!
https://www.facebook.com/777129052644972/posts/1045224472502094/




