Силјановска на ,,Вршник” во операција ,,ЕУ со тебе, ти со ЕУ”

Емотивно доживување на професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова која деновиве со десетици активисти и дипломати се искачи на Вршник позната локација во Велешко.



⛰️ „ЕУ СО ТЕБЕ“ на ВРШНИК!

По „ЕУ за тебе“ (ама сè уште без тебе), се соочив со „ЕУ со тебе“ на првиот календарски ден на есента, 22 септември. Дента донесов чудна одлука да одам во Велес, иако претпладнето ги одложив сите активности заради забоболката од претходното деноноќие и потребата од лекарска помош. Си сугерирав дека качувањето на Вршник може да биде делотворен алтернативен, природен лек.

Зошто патот ме одведе во Велес? Беше последниот ден на „Европската недела на мобилност“, во која, како и лани, велешани организираа низа креативни активности врзани за бегството од градскиот метеж и автомобилите и уживањето во пешачењето и возењето велосипед во природа.

Со колешката Велика и претставнички на Центарот за истражување и креирање политики, како и со десеттина амбасадорки и амбасадори, се сретнавме со градоначалникот на Велес кој не информираше за годинешната програма, по што, побрзавме кон зборното место во близина на црквата „Св. Димитрија“. Нè дочека џагор на сто и педесетина луѓе: планинари, велосипедисти, граѓани орни за качување, меѓу кои и нашиот колега Игор, деца, цврсто решени да го остават градот зад себе и да потонат во природата!

Тргнавме кон Вршник. Патот, најпрво водеше крај бучната Тополка, забрзана надолу, покриена од столетните дрвја, насликани во неа, а потем, зачекоривме угоре, угоре, по многу стрмната патека, мирисајќи мајчината душичка, газејќи внимателно по лизгавата исушена трева, слушајќи го хорот на инсектите, гледајќи во синото небо и голите ридови, земајќи сила поседнати за миг по камењата, барајќи спас во некоја голтка вода, разговарајќи за природата.

Не беше лесно, признавам, за некој како мене, кој не помни од кога не планинарел, да се соочи со предизвикот, наречен Вршник, ама бев цврсто решена да стигнам горе!

За среќа, кусите паузи ми овозможија многу средби и познанства, крунисани со фотографии, учење за планинарските правила и вештини, следење на професионалните совети, закрепнување со понудена вода или домашно колаче од шведската амбасадорка.

И… се качивме на врвот на ридот што неверојатно потсетува на вршник. За среќа, сонцето веќе заоѓаше, дуваше пријатен ветер, а долу лежеше Велес, поубав од било кога, небаре град од бајките! Чинам дека секој со секого успеа да размени некој збор, дека одамна не сум запознала толку многу луѓе, дека стана целосно небитно кој е кој, од каде е, што работи.

Групните фотографии откриваат задоволни, весели, насмеани луѓе, препородени од волшебната моќ на природата.

Искрено, заборавив на забот.

Ова не беше средба од типот „ЕУ за тебе“, ама без тебе! Беше некако „ЕУ со тебе, Ти со ЕУ!“ Немаше амбасадори, пратеници, градоначалници, претставници на невладини организации… Сите бевме планинари, искусни или аматери. Се чувствував како да сум рамноправен субјект не само на општествениот договор на Жан Жак Русо, туку и на природниот договор на Мишел Сера, во кој луѓето ја третираат Земјата и природата како рамноправна. Се сетив дека билките и животните се постари од нас на земјата, а се плашам дека еден ден може да дознаеме дека се и попаметни!