„Ако добро ја следите мојата кампања, ќе забележите дека се обраќам до граѓаните, без оглед на етничка, верска, расна, социјална или друга припадност. Значи, се обраќам како и секогаш порано кога сум настапувала како интелектуалка или професорка“.



Ова го вели во интервју за „Фактор“ кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановсјка давкова, одговарајќи на нападите дека таа наводно немала пораки за етничките Албанци иако се знаело дека изборот во вториот круг од претседателските зависи од албанските гласачи.

„Идејата за „етнички контингенти“ и пазарења ми е туѓа, и ценам дека секој глас вреди еднакво, особено на претседателски избори на кои не избираат партиите, туку поединците, граѓаните. Освен тоа, во повеќе мои обраќања сум ги споменувала Албанците, ама во контекст на сите други етнички заедници, и тоа со порака дека „сите сме на ист брод“, а бродот тоне, и тоа поради немање кормилар (а не сидро) – кој би се водел според компасот! Компасот за секоја модерна држава е нејзиниот устав, односно втемелените уставни вредности. Немаштијата, корупцијата, заминувањето на младите и вредни кадри е нешто што ги засега сите, а не само една или друга етничка група. Јас сум против етничка сегрегација и етнизирање на политиката, и тоа го имам елаборирано безброј пати и во јавни настапи и во научни трудови.

Поради етнички пазарења дојдовме во ситуација на ерозија на правната држава, амнестија на криминал, итн. Мислам дека и на сограѓаните Албанци, како и на сите други им е преку глава од политиката на неказнивост која најпластично ја опишува партијата која од 2002 година до денес е најдолго на позиција на власт.

 Впрочем, по тие прашања мојата агенда е многу блиска до онаа на колегата Блерим Река“, потсетува Силјановска.

Што се однесува до гласањето во вториот круг, Силјановска вели дека „и сограѓаните Албанци, како и сите останати жители на Македонија, ќе мораат да си одговорат на прашањето: дали ни е добро? Дали животот ни се подобри под власта на оваа сегашна коалиција? Дали ќе веруваме со флоскулите за „Живот за сите“ додека децата си заминуваат со билети во еден правец? Верувам дека одговорот сам ќе им се наметне, бидејќи јас ниту тврдам дека сум чудотворец, ниту им ставам розови очила.

Само ги прашувам дали сакаат заедно да свртиме нов лист? Сега еден, а од утре-задутре и друг, и така до конечното трансофрмирање на земјава во пристојно место за живеење“, вели Силјановска во интервјуто за „Фактор“.