Силјановска: Дилемата не е Запад или Исток, туку дали ќе бидеме држава или протекторат

Гордана Силјановска Давкова на денешната седница за уставни измени ги презентираше ставовите на ВМРО ДПМНЕ и коалициските партнери, но и својот личен став.



-Дилемата не е Запад или Исток, туку дали Македонија е што имаме или се што немаме. Дали ќе бидеме мала, пристојна држава или протекторат.
Еден ренесансен министер сега вели дека уставните измени може да се донесат и до крајот на овој мандат, не до ноември. Од каде го влечеме ние легитимитетот за уставни измени? Од ЕУ или од граѓаните? Кој е ставот на граѓаните за ова прашање? Она што се бара од нас е спротивно на европските вредности. Ние од 2009 добивме 15 да од ЕК и ЕП и ниту еднаш нема забелешка за неприсуството на Бугарите во Уставот. Граѓаните треба да се прашаат на избори, бидејќи власта е целосно делегитимирана, порача Силјановска Давкова.

Според неа, ова што се бара од Македонија е спротивно на европските вредности, без кои Европската Унија нема да биде политички систем, туку машинерија на комесари. Децидна е: „Не можеме именик да правиме од преамбулата, патот до Брисел не може да води преку Софија“.

Таа ги прашува тие од владата кои ги прифатија овие измени со преговарачка рамка преку протокол, дали заборавија дека не се законодавен орган и не може да преземаат обврски на Собранието.

„Заборавија дека се за влез во ЕУ еден можен ден се одлучува со двотретинско мнозинство по кое е потребен референдум во кој треба да гласаат 50% од запишаните гласачи. Денеска е тестот за ова. Зошто не ја ставивте преговарачката рамка на гласање, туку некакви заклучоци, бујрум отворете го процесот, не можете“, изјави таа.

„Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, меѓутоа членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците. Значи мора да ги има!“, нагласи пратеничката.