Во име на науката ќе кажам дека апсолутен победник на изборите е оној што има 50 отсто плус еден од гласовите и тој е првиот што ќе може да формира Влада, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова како реплика на говорниците од владејачкото мнозинство кои за легитимитетот на новата Влада рекоа дека произлегува од победа на последните парламентарни избори. Таа СДСМ ја нарече ЗДСМ, зашто Димитар Ковачевски е избран на чело на партијата по насока на Зоран Заев.
„Легитимитет се добива и се губи на избори. Оваа Влада не може да наследи легитимитет од претходна Влада бидејќи премиерот не заминал заради болест или на друга функција, туку заради оставка по загубени избори. Тоа значи дека гласачите всушност не се сега гласачи на оваа коалиција и легитимитетот е нагризен. Од друга страна, по изборот на Димитар Ковачевски на чело на СДСМ по насоката на Зоран Заев, може да се каже дека тоа е сега ЗДСМ, односно Заев-ДСМ. Ако лакмус се избори, тогаш тој поцрвене на локалните избори, кои ги загуби СДСМ. Освен тоа, полни сте со зборовите за Македонија како нова членка на НАТО. Но, ако Шекеринска е персонификација на зачленувањето во НАТО, неа повеќе ја нема, дали е разрешена или што е причината, но тоа исто го нагризува легитимитетот”, рече Силјановска Давкова.
Таа забележа дека бројот на жени во Владата е намален и изрази зачуденост како членови на кабинет, стануваат министри, мислејќи притоа токму на Министерството за одбрана.
Според неа, ако од Владатга си оди Никола Димитров бидејќи нема датум за ЕУ, со него треба да замине од функцијата министер за надворешни работи Бујар Османи.
До веројатно идниот министер за правда, а во моментов универзитетски професор од Правниот факултет Никола Тупанчевски упати повик да објасни каков ќе му биде ставот во врска со идејата веќе завршени судски процеси да бидат мониторирани од независни и од странски експерти.
Потоа Силјановска Давкова ѝ реплицираше директно на пратеничката од ДУИ Рина Ајдари која говореше дека апсолутен победник на последните парламентарни избори е ДУИ, а потоа и во делот дека оваа влада, благодарение на министри од ДУИ, работи на правична застапеност на Албанците во јавниот, но и во приватниот сектор и дека на тој план има големи резултати.
„Во либералната економија нема мешање на државата во приватниот сектор, а принципот правична и принципиелна застапеност се однесува на државна и јавна администрација, во спротивно тонете во комунитаристички води и нелиберални води и сметам дека на новиот премиер, ако биде избран, ќе му биде забележано од ЕУ дека не постапува во согласност со Копенхашките критериуми“, рече Силјановска Давкова, нагласувајќи дека тоа го вели затоа што пред себе гледа неколку министри кои се од секторите од каде се говори за правична застапеност и во делот на приватната економија.





