„Непростливата грешка со промената на името на државата и лекоумно прифатениот договор за божемно ‘добрососедство’ со источниот сосед ја обезличија македонската држава. Дозволивме со нашите идентитетски прашања да манипулираат неуки и постојано да повторуваат дека сѐ е бетонирано, како божем да се градежни работници, а не одговорни политичари.“ – нагласува писателот Раде Силјан во интервјуто, што го даде за весникот „Скопско ехо“.
„Скопско ехо“ пишува: „Кога ќе кажете Македонија кои мисли и слики ви се појавуваат?“
„ – Ќе одговорам со стихови од песната ‘Македонија и Македонците’, застапена во стихозбирката ‘Пресликано време’, објавена во 1999 година:
„Македонија – земја на идеали; …
Македонија – развеан бајрак за безнадежни;…
Македонија – заборавена од Македонците; Македонија – опеана од Македонците;
Македонија – најголема мака за Македонците.“
„Кои се најкрупните 2–3 грешки што се направија во Македонија во последниве триесет години?“
„ – Од многуте крупни грешки навистина е многу тешко да издвоиме само две до три. Ќе посочам грешки, кои ја обезличија македонската држава. Непростлива грешка е промената на името на државата и лекоумно е прифатен договор за божемно ‘добрососедство’ со нашиот источен сосед. Лудилото е безгранично, па така неуспешниот референдум го прогласија за успешен, а со потпишувањето на ‘братскиот договор’ се обременивме со многу грижи и ‘влетавме како волови во слама’. Дозволивме со нашите идентитетски прашања да манипулираат неуки и постојано да повторуваат дека сѐ е бетонирано, како божем да се градежни работници, а не одговорни политичари.“
„Граѓаните даваат и плаќаат, но дали властите доволно ѝ даваат на државата?“
„ – Граѓаните и милум и силум мора да ги плаќаат давачките, а властите главно уживаат од придобивките на нивните изборни кампањи. Победниците секогаш го кркаат кајмакот. Во Македонија има многу мераклии за власт, зашто друго и не знаат да работат.“
„НАЈМНОГУ МИ НЕДОСТАСУВА ВЕРБАТА ВО НАШИТЕ ВРЕДНОСТИ“
„Што ви недостасува?“
„ – Најмногу ми недостасува вербата во нашите вредности. Заборавивме на знаменитите предци, кои во скудно време ги создадоа најзначајните институции во државата.“
Home Македонија Силјан: „Дозволивме идентитетските прашања да ги ‘бетонираат’ неуки и неодговорни политичари, како...





