Најмалку 128 луѓе загинаа, а десетици се повредени во Непал кога силен земјотрес синоќа го погоди западниот округ Џајаркот, соопштија официјални лица.
Куќите во областа се урнаа, а згради се тресеа дури и во Њу Делхи во соседна Индија.
Земјотресот се случил синоќа во 23:47 часот по локално време, со јачина од 6,4 степени, соопшти Непалскиот национален сеизмолошки центар, додека геолошкиот институт на САД го проценил на 5,6 степени.
Ова е најсмртоносниот земјотрес од 2015 година, кога во два земјотреси во хималајската земја загинаа околу 9.000 луѓе.
Цели градови, храмови стари со векови и други историски локалитети потоа беа претворени во урнатини, при што беа уништени повеќе од милион домови, а штетите беа проценети на 6 милијарди долари.
Официјалните лица стравуваат дека бројот на жртвите од земјотресот може да се зголеми бидејќи не успеале да воспостават контакт во ридско подрачје во близина на епицентарот, на околу 500 километри западно од главниот град Катманду, каде што исто така се почувствувале потреси. Округот има население од 190.000 со села расфрлани во оддалечените ридови.
„Бројот на повредени би можел да изнесува стотици, а бројот на загинати исто така би можел да се зголеми“, изјави официјални лица за Ројтерс.






