Говорејќи на прес-конференција во Брисел, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Унгарија целосно легално.
„Груевски ја изрази својата желба да аплицира за азил во дипломатско претставништво на Унгарија, но унгарската Влада немаше улога во неговото доаѓање таму“, изјави Сијарто, инсистирајќи дека унгарските власти „наидоа на ова прашање во таа канцеларија во соседна земја на Македонија“, од каде што „тој дојде во Унгарија целосно легално, исполнувајќи ги сите релевантни унгарски и меѓународни регулативи; тој легално ги премина сите граници“.
Шефот на унгарската дипломатија уште додаде дека за ова прашање не се дискутирало на состанокот на неговите колеги од Европска унија. Тој, сепак, рече дека ќе разговара со својот македонски колега Никола Димитров на маргините на состанокот на НАТО во Брисел на почетокот од декември.
„Поддржувањето на Македонија не е прашање на заземање страна на која и да е партија или влада“, нагласи тој.
Македонија, пак, денеска ѝ врачи протестна нота на Унгарија во врска со барањето азил од Груевски во оваа земја. Нотата на унгарскиот амбасадор во Скопје, Ласло Дукс, му ја предаде државниот секретар во македонското Министерство за надворешни работи, Виктор Димовски.





