Александар Сиди, еден од копретседателите на ВМРО-БНД на поранешниот бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов, остро му реплицира на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за заложбата за старт на преговори со Македонија.
„Некаков европски функционер, случајно одговорен за надворешна политика, ветува дека ќе изврши притисок. Притисок не врз Македонија – да се искорени говорот на омраза, да се почитуваат правата на Бугарите и да се исполни нејзиниот договор со Бугарија воопшто. Притисок врз Бугарија, зошто цитирам:
‘Не можеме да им кажеме на Албанија и на Северна Македонија, кои ги исполнуваат сите услови за членство, да седат со скрстени раце и да се поврзат меѓу себе ако не им дадеме јасна перспектива’.
И уште една мудрост од овој функционер: ‘Ова е подарок и за Русија. Оваа ситуација ѝ овозможува на Москва да продолжи да навлегува во оваа зона’.
Човекот со ранг министер за надворешни работи во ЕУ очигледно не знае дека Македонија е во НАТО и по оваа линија, теоретски, би требало да е пресечено руското влијание.
Ако Борел беше прочитал макар еден ред европска историја, ќе знаеше дека македонизмот е руска идеологија создадена од Коминтерната за да ги раздвои Бугарите од двете страни на Осогово. И да читаше за ова прашање, ќе беше свесен дека Бугарија, преку наметнатото вето, го спречи македонизмот (создаден и поддржан од Коминтерната, читај: Русија) да се шири во Европа.
Партнерството ние го разбираме како рамноправност. ЕУ очигледно не е. Претставниците на Брисел се однесуваат како оние што владееле со СССР или со Југославија. Еден таков владетел на Југославија бил Александар Караѓорѓевиќ. Со него рамноправен дијалог водеше Владо Черноземски во Марсеј. Читај, бе, Борел, прочитај ја оваа историја“, напиша Сиди во својата објава на Фејсбук.






