Ацо Кабранов, главниот уредник на 1ТВ, во изјава за „А1он“ потврди дека си заминува од телевизијата, поради здравствени причини.



Изјавата доаѓа ден по апсењето на Бојан Јовановски – Боки 13, кој се претставуваше како сопственик на телевизијата која стартуваше пред нешто повеќе од една година.

„ Договорот со 1ТВ го потпишував секој месец, но следниот нема да го потпишам. Не поради целата работа што се случи, туку од здравствени причини. Јовановски не се мешаше во уредувачката политика, известуваме според професионални стандарди. Не сум човек кој заради својата комоција ќе се води по интересите на газдите. Никогаш не сум го правел тоа, ниту пак овде, да злоупотребувам колеги за нечии интереси“, изјави Кабранов.

Претходно медиуми јавија дека и новинарката Јадранка Костова потврди дека ја напуштила 1ТВ по последното интервју со Бојан Јовановски, што коинцидирало со истекување на авторскиот договор со кој била ангажирана.