Си-Ен-Ен: Бугарија ги понудила бесплатно своите „МИГ-ови“ на Украина!?

Бугарија се понудила да ги даде своите ловци МиГ-29 бесплатно на Украина, а тоа се случи пред два месеци. Ова го тврди Си-Ен-Ен, повикувајќи се на строго таен извештај на Пентагон кој бил дел од протечените онлајн документи



„На 23 февруари Бугарија изрази подготвеност да ја донира својата флота од ловци МиГ-29 на Украина“, се вели во извештајот.

Документот ова го опишува како „предизвик“ бидејќи ќе ја остави Бугарија без борбени авиони за извршување на нејзините безбедносни мисии во воздушниот простор додека не се испорачаат Ф-16 од американско производство, „што е најмалку една година далеку“.

Информациите на американскиот Си-Ен-Ен се во целосна спротивност со јавно изнесените од претседателот Румен Радев и министерот за одбрана Димитар Стојанов дека Бугарија во никој случај нема да и дава борбени авиони на Украина, пишува „Сега“.

Пред само неколку дена, шефот на државата во чист текст објави дека „се додека тој ја води преодната влада, Бугарија нема да и обезбеди на Украина борбени авиони, противвоздушни ракетни системи, тенкови или оклопни транспортери“.