Бирото на Европското јавно обвинителство (ЕПО) во Загреб денеска поднесе обвинение против шестмина шверцери на цигари, осомничени дека со затајување царина го оштетиле хрватскиот буџет за 3,22 милиони евра и буџетот на ЕУ за уште 80.000 евра.
Освен за нелегално тргување со цигари од Дубаи и затајување данок и царина, обвинителството ја товари и групата која работела од март 2021 до јануари минатата година за поткуп.
Имено, за да можат официјалните царински постапки да се спроведуваат без преглед на контејнерите, обвинетите на цариник (кој всушност бил таен истражител) му платиле вкупно 90.000 евра, соопшти европското обвинителство.
Обвинетите се товарат дека организирале поморски транспорт на вкупно седум контејнери со најмалку 90 тони – или 5.798.400 кутии – шверцувани цигари од Дубаи.







