Шведскиот ланец продавници за облека „Х&М“ („Хенес и Мауриц“) планира годинава да влезе во Македонија и во Косово како дел од своите глобални планови за ширење, кои опфаќаат шест нови пазари, соопшти компанијата на својата вебстраница.
Другите четири нови пазари се Еквадор, Костарика, Гватемала и Камбоџа.
„Х&М“ во Македонија ќе отвори продавница во скопскиот „Ист гејт мол“, објави на Инстаграм членот на Управниот одбор на „Ист гејт“, Арсим Папранику.
Познатиот трговски бренд во Југоисточна Европа е присутен уште во Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Романија, Србија, Словенија и Турција.





