Швајцарија уапсила македонски државјанин член на Исламската држава

Швајцарската полиција уапсила две лица во врска со федералната истрага за поддршка или учество во забранетата групација Исламска држава.



Полициската операција, која вклучувала и претреси на четири куќи била дел од кривична истрага отворена во јули минатата година од канцеларијата на швајцарското државно обвинителство.

Во акцијата е уапсен граѓанин со македонско државјанство кој имал и швајцарски документи како и државјанин на Косово, кои живееле одвоено во два различни швајцарски региони.

Апсењата биле извршени во четвртокот во западна Швајцарија каде се зборува француски.

Засега нема информации дали македонскиот државјанин имал контакти со сомисленици во Македонија или организирал слични активности во земјава.

Двајцата осомничени, кои не се идентификувани по име, биле префрлени во швајцарската престолнина Берн, на сослушување од канцеларијата на јавниот обвинител, кој ќе одлучи дали ќе ги задржи во притвор додека трае судењето.

Швајцарија, чија политика на неутралност има за цел да ја задржи надвор од конфликти, во голема мера го избегнуваше насилниот екстремизам што ги зафати другите делови на Европа.