Швајцарска националистичка група покрена иницијатива која има за цел да ја заштити неутралноста на земјата и да и забрани учество во идните санкции и одбранбени сојузи, пишува Ројтерс.
Кампањата за референдумот беше иницирана од неодамна формирана асоцијација Pro Schweiz со врски со десничарски политичари во земјата.
Иницијативата доаѓа по одлуката на Швајцарија да се откаже од својата традиционална неутралност и да воведе казнени санкции кон Русија.
„Не можете да се согласите на санкции, а следниот момент некако сè уште сакате да посредувате меѓународно“, рече Кристоф Блохер, поранешен владин министер од анти-имигрантската Швајцарска народна партија.
Предложената законска измена ќе ја внесе неутралноста во Уставот на земјата и на тој начин ќе ја спречи да се приклучи на одбранбениот сојуз освен ако не е под директен напад. Би биле забранети и „невоени присилни мерки“, како што е усвојувањето санкции.
Треба да се соберат 100.000 потписи за поддршка на иницијативата до пролетта 2024 година пред прашањето да биде ставено пред швајцарските гласачи на национален референдум.
Кон крајот на февруари, Швајцарија објави дека се приклучува на санкциите на Европската унија против Русите вклучени во руската инвазија на Украина, замрзнувајќи ги нивните средства.
Земјата се двоумеше помеѓу покажувањето солидарност со Западот поради, како што го нарекува, грубото кршење на меѓународното право од страна на Москва и одржувањето на својата традиционална неутралност, за која вели дека може да ја направи потенцијален посредник.
Сепак, таа се соочи со зголемен притисок да застане на страната на Западот против Москва и да прифати казнени санкции.







